← Новости · · 2 мин. читање

Над 600 учесници на практичната обука за ВИ-алатки на ВЕЗИЛКА

На 21 и 22 октомври 2026 година, ВЕЗИЛКА го одржа вториот вебинар од курсот „Писменост за ВИ за сите“ насловен „ВИ-алатки“, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), УКИМ, во Скопје. На дводневната обука учествуваа околу 40 учесници со физичко присуство и над 600 онлајн, што го потврдува големиот интерес за стекнување практични знаења и вештини за примена на вештачката интелигенција во секојдневниот живот и професионалната работа.

Предавачи на обуката беа проф. д-р Слободан Калајџиски, проф. д-р Ивица Димитровски и м-р Марија Стојчева, а акцентот беше ставен на практичната примена на ВИ-алатки, меѓу кои ChatGPT, Claude, Gemini и Perplexity. Преку демонстрации во живо и конкретни примери, учесниците се запознаа со ефективното формулирање промптови, работата со документи и податоци, проверката на одговорите генерирани од ВИ, како и можностите што ги нудат ВИ-агентите. Практичниот пристап предизвика голем интерес, поттикнувајќи активни дискусии, бројни прашања и размена на идеи и искуства. Во текот на дискусиите беше истакнато и како овие алатки можат да ја олеснат секојдневната и професионалната работа.

За сите што сакаат повторно да ги проследат содржините или не биле во можност да присуствуваат снимката од обуката е достапна на train.vezilka.ai. ВЕЗИЛКА им се заблагодарува на сите учесници, и онлајн и со физичко присуство, за покажаниот интерес и активното учество. Поттикната од успешното одржување на овие сесии, ВЕЗИЛКА подготвува нови практични обуки насочени кон примената на ВИ, современите алатки и решавањето реални предизвици, продолжувајќи ја својата заложба знаењата и вештините поврзани со ВИ да станат подостапни и покорисни за целото општество.