← Новости · · 2 мин. читање

ВЕЗИЛКА го најавува „АЈ ХАК“ – хакатон за студенти во 2026 година

ВЕЗИЛКА го организира „АЈ ХАК – VEZILKA Хакатон 2026“, дводневен настан што ќе се одржи на 12 и 13 декември 2026 година во бараките на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје. Хакатонот е наменет за студенти од сите универзитети, кои ќе имаат можност да развиваат практични решенија со вештачка интелигенција за реални предизвици со кои се соочуваат македонските институции, компании и заедници.

Хакатонот опфаќа 11 тематски области, меѓу кои образование, јазик и говор, документи и архиви, јавна администрација, право и законодавство, здравство, енергетика и инфраструктура, земјоделство и животна средина, бизнис и автоматизација, култура и медиуми и доверлива вештачка интелигенција. Учесниците ќе имаат можност да работат на предизвици од овие области и да развиваат иновативни решенија што би можеле да најдат практична примена во различни сектори.

Право на учество имаат студенти до 26 години од сите универзитети, а се препорачува работа во тимови од двајца до тројца учесници. Познавањето на програмирање не е задолжително, па добредојдени се и студенти со знаења и вештини од други области, како дизајн, познавање на конкретна област и презентирање. Во текот на хакатонот, учесниците ќе имаат пристап до ВИ-моделите, податоците и GPU-инфраструктурата на ВЕЗИЛКА, како и менторска и техничка поддршка од истражувачи од тимот на ВЕЗИЛКА и експерти од индустријата.

Тимовите со најдобрите решенија ќе добијат можност да се вклучат во проектот ВЕЗИЛКА во период до три месеци, каде што ќе можат да продолжат со развојот на своите идеи или да работат на други проекти од областа на вештачката интелигенција. За учесниците се подготвуваат и дополнителни изненадувања. Преку овој настан, ВЕЗИЛКА има цел да ги поттикне креативноста, практичното учење и соработката меѓу студентите, како и развојот на ВИ-решенија што одговараат на потребите на македонското општество.

Како дел од најавата, ВЕЗИЛКА објави и промотивно видео создадено со вештачка интелигенција, во кое има намерно направени грешки. Потребно е студентите да ги пронајдат грешките и да наведат во кој момент од видеото се појавуваат, заедно со краток опис, во формуларот за пријава, без да ги откриваат одговорите во коментарите. Видеото е достапно на https://youtu.be/NkjeSpK7MHo.

Пријавувањето е отворено до 29 ноември 2026 година. Заинтересираните студенти можат да најдат повеќе информации за хакатонот, условите за учество и начинот на пријавување на https://vezilka.ai/hackathon/.