← Новости · · 2 мин. читање

ВЕЗИЛКА ја носи вештачката интелигенција во средното образование

Почнувајќи од учебната 2026/27 година, средношколците низ Северна Македонија ќе можат да го изберат новиот изборен предмет Вовед во вештачка интелигенција. Наставната програма во времетраење од 36 часа е развиена во рамки на проектот ВЕЗИЛКА, во соработка со Бирото за развој на образованието (БРО), и веќе е официјално објавена како дел од програмата за средно образование во земјата.

Новиот предмет ќе ги запознае учениците со основите на вештачката интелигенција, практичната употреба на ВИ-алатки, формулирањето промптови, проверката на факти и содржини генерирани со ВИ, како и безбедната, етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција. За подготовка на наставниците за воведувањето на предметот, ВЕЗИЛКА на 2 и 3 септември 2026 година‎ организираше првична онлајн обука на која учествуваа наставници од средни училишта од целата земја. Учесниците ја оценија обуката позитивно истакнувајќи ја поддршката од ВЕЗИЛКА како важен дел од нивната подготовка за воведување на новиот предмет во наставата.

Воведувањето на предметот Вовед во вештачка интелигенција претставува прв конкретен чекор кон националната интеграција на ВИ во образованието, една од клучните цели на ВЕЗИЛКА во соработка со Министерството за образование и наука и БРО. Иницијативата има цел на учениците да им овозможи повеќе од запознавање со ВИ-алатките — да ги развие нивната способност за критичко расудување, самодоверба и дигитална писменост, потребни за приспособување во свет што сè повеќе се обликува под влијание на вештачката интелигенција.

ВЕЗИЛКА ќе продолжи да им обезбедува поддршка на наставниците во процесот на воведување на предметот во училиштата, како и да развива дополнителни ресурси што ќе придонесат кон унапредување на образованието за вештачка интелигенција низ целата земја.

Наставната програма за предметот Вовед во вештачка интелигенција е достапна на веб-страницата на Бирото за развој на образованието: https://bro.gov.mk/wp-content/uploads/2026/09/260902-np-sip-voved-vo-vestacka-inteligencija.pdf