ВЕЗИЛКА ја зајакнува соработката со грчката Фабрика за ВИ ФАРОС
За време на неодамнешната посета на Атина, проф. д-р Ѓорѓи Маџаров од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), УКИМ, оствари средба со проф. Стефанос Колиjас, претседател на GRNET и координатор на грчката Фабрика за ВИ ФАРОС и Илијас Хаѕакис, проектен менаџер во GRNET. Средбата беше можност за размена на искуства, разговор за тековните активности и разгледување на можностите за понатамошно развивање на соработката меѓу ФАРОС и ВЕЗИЛКА во области од заеднички интерес.
Во фокусот на разговорите беа начините на кои знаењето, експертизата и компјутерските ресурси можат поефикасно да се споделуваат меѓу двете иницијативи, вклучувајќи соработка во заеднички области и можности за федеративно обезбедување и користење на ресурси. Преку размена на искуства со ФАРОС и запознавање со начинот на кој различните делови од европскиот екосистем на фабрики за ВИ функционираат заедно, ВЕЗИЛКА може дополнително да го зајакне начинот на кој им помага на истражувачите, компаниите и институциите да истражуваат, тестираат и применуваат вештачка интелигенција во пракса.
Oваа средба отвори и поширока дискусија за практичните предизвици при градењето на еден ВИ-екосистем: од олеснување на пристапот до напредни компјутерски ресурси, до поврзување на техничката експертиза со реалните потреби на истражувачкиот сектор, индустријата и јавниот сектор. Искуствата стекнати во рамки на ФАРОС можат да бидат основа за ВЕЗИЛКА при понатамошното развивање на сопствените услуги, механизми за поддршка и можности преку кои организациите ќе можат полесно да преминат од почетна идеја до практична примена на ВИ.