Првa средба помеѓу ВЕЗИЛКА и Шведската фабрика за ВИ
На 11 септември, членови на нашиот проектен тим ВЕЗИЛКА остварија средба со д-р Ана Таневска, координатор на Шведската фабрика за ВИ која работи како лидер за обуки и експерт за доверлива вештачка интелигенција
Шведската фабрика за ВИ, како дел од иницијативата на ЕУ за Фабрики за вештачка интелигенција, овозможува пристап до суперкомпјутери оптимизирани за вештачка интелигенција, како и услуги за обука и поддршка на мали и средни претпријатија, стартапи, истражувачи и владини институции. Нивната цел е да го поттикнат развојот на иновациите, примената на вештачката интелигенција и да придонесат Европа да стане водечки континент во областа на ВИ. Фабриката има четири фокусни области од стратешко значење за Шведска: бионауки, наука за материјали, автономни системи и индустријата за видеоигри.
На средбата беше претставена мисијата на Шведската фабрика за ВИ, нивната програма за обуки и услугите за поддршка, како и потенцијалните можности за соработка со другите членови на мрежата составена од фабрики и антени за ВИ, особено во рамки на активностите планирани со проектот „CoopAIFA“. Членовите на проектот ВЕЗИЛКА ги презентираа своите тековни активности, по што следуваше заедничка дискусија насочена кон размена на знаења и идеи, како и кон воспоставување активно и долгорочно истражувачко партнерство.
МИА го проследи настанот од медиумски аспект и е автор на фотографиите што го документираат почетокот на заедничкиот пат на соработка меѓу овие фабрики.




