ВЕЗИЛКА за влијанието на ВИ врз човековото размислување во Љубљана
На 22 октомври 2026 година, проф. д-р Димитар Трајанов, раководител на проектот ВЕЗИЛКА, одржа предавање на тема „Когнитивна обезност: Дали ВИ ќе му го направи на нашиот ум она што машините му го направија на нашето тело и како да останеме ментално активни?“ на Факултетот за компјутерски и информациски науки (FRI) при Универзитетот во Љубљана, на покана на словенечката Фабрика за ВИ (SLAIF). Предавањето беше можност да се споделат ставовите и идеите на ВЕЗИЛКА за улогата на вештачката интелигенција во општеството со претставници на словенечката ВИ-заедница. Во рамки на едночасовното предавање беше отворено прашањето за тоа како вештачката интелигенција влијае врз човековото размислување и што се случува кога технологијата презема сè поголем дел од нашите интелектуални задачи.
Правејќи споредба со индустриската револуција, кога машините ја намалија потребата од физичка работа, но истовремено придонесоа за намалена физичка активност, проф. Трајанов го постави прашањето дали генеративната ВИ може да има слично влијание врз нашите умствени способности. Со преземањето задачи како пишување, логичко размислување и решавање проблеми, постои ризик постепено да ги ослабнеме вештините што поретко ги користиме. Наместо избегнување на вештачката интелигенција, беше истакната потребата од нејзино свесно и одговорно користење, како алатка што го поттикнува размислувањето, а не го заменува. Притоа, образованието и работната средина треба да овозможат луѓето да останат интелектуално активни, истовремено искористувајќи ги придобивките од новите технологии.
Оваа тема е тесно поврзана со мисијата на ВЕЗИЛКА како македонска Фабрика за ВИ. Покрај овозможувањето пристап до напредни европски пресметковни ресурси за компаниите, стартапите, истражувачите и јавните институции, ВЕЗИЛКА посветува особено внимание и на развојот на знаењата и вештините потребни за нивно користење. Преку обуки за ВИ, летни школи, хакатони, практикантски програми и поддршка за одговорна примена на вештачката интелигенција, проектот придонесува за градење кадри што ќе можат самостојно и ефективно да ја користат технологијата. Вистинската вредност на ВИ е во тоа да ги зајакне човековите способности, наместо да создава зависност од технологијата, што претставува еден од основните принципи во развојот на обуките и услугите на ВЕЗИЛКА.
Активностите на ВЕЗИЛКА ја следат пошироката визија на проектот, а тоа е Северна Македонија да биде земја што не само што користи, туку и развива вештачка интелигенција, создавајќи можности домашните таленти да се развиваат и да придонесуваат токму тука.