← Новости · · 2 мин. читање

Вештачка интелигенција во основните училишта: Прва обука за наставници

На 29 октомври 2026 година, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје се одржа првата од трите сесии посветени на примената на вештачката интелигенција во основното образование. На сесијата учествуваа 13 наставници од седум основни училишта во Општина Кисела Вода: „Круме Кепески“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Кузман Шапкарев“, „Невена Георгиева – Дуња“, „Кузман Јосифовски – Питу“, „Св. Климент Охридски“ и „Рајко Жинзифов“.

Фокусот на сесијата беше ставен на практичната примена на ChatGPT, Gemini, NotebookLM и Claude во наставата. Наставниците се запознаа со начини за користење бесплатни алатки за вештачка интелигенција, како и со конкретни активности што може да се применат во различни наставни предмети. Сесијата беше насочена кон практични примери за тоа како алатките базирани на ВИ може да се вклучат во секојдневната настава.

Предавачи беа проф. д-р Игор Мишковски и проф. д-р Сашо Граматиков од ФИНКИ, кои преку практични примери ги претставија можностите на современите алатки за вештачка интелигенција и нивната примена во образовен контекст.

Ова беше првата од трите планирани сесии за наставниците од Општина Кисела Вода. Следуваат уште две сесии, а првите часови со примена на ВИ се планирани за ноември, со што ќе започне и практичната примена на знаењата стекнати во текот на обуките во самата настава.