← Новости · · 3 мин. читање

ВЕЗИЛКА на AGRO EXPO 2026

Проектот ВЕЗИЛКА учествуваше на AGRO EXPO 2026, кој се одржа на 30 и 31 октомври 2026 година во SPACE Park во Скопје под мотото „Земјоделството на иднината. Денес.“ Настанот беше организиран од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, EMKICE KIC, Нова Креатива и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на европскиот проект CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Erasmus+. Во проектот CAAIVE учествуваат 15 партнери од 6 земји кои заеднички работат на воспоставување мрежа на центри за стручно усовршување во областа на вештачката интелигенција во земјоделството, преку поврзување на стручните училишта, универзитетите и индустријата. Преку кратки, модуларни обуки и можности за стекнување сертификати за конкретни знаења и вештини, проектот има за цел да ја направи вештачката интелигенција подостапна за земјоделците, студентите и стручните лица од секторот. На настанот учествуваа земјоделци, производители, технолошки компании, научни и образовни институции и претставници на јавниот сектор, кои имаа можност да разменат искуства, да проследат практични демонстрации и да ги разгледаат можностите за идна соработка.

ВЕЗИЛКА ја претставуваше проф. д-р Димитар Трајанов, координатор на проектот ВЕЗИЛКА на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој на 30 октомври одржа предавање на тема „Вештачка интелигенција и податоци во земјоделството“. Во своето излагање, проф. Трајанов се осврна на предизвиците со кои се соочува современото земјоделство, како непредвидливите временски услови, неефикасното користење на водните ресурси, расцепканоста на земјоделските стопанства и недоволната поврзаност на податоците од различни извори. Тој објасни како податоците за временските услови и почвата, како и оние добиени од сателитски снимки, сензори и земјоделски стопанства можат да придонесат за носење попрецизни одлуки, засновани на докази и дополнети со практичното искуство на земјоделците. Беше нагласено дека за успешна примена на вештачката интелигенција во земјоделството се потребни квалитетни податоци, поврзаност, знаење, стручна поддршка, пресметковни ресурси и доверба, особено имајќи предвид дека помалите земјоделски претпријатија и задруги често немаат пристап до истите капацитети како поголемите компании во секторот.

Во продолжение, проф. Трајанов ја претстави ВЕЗИЛКА, како национална точка за пристап до европските ресурси и можности во областа на вештачката интелигенција. Тој објасни како ВЕЗИЛКА може да им помогне на земјоделските стопанства и компании да ги искористат сопствените податоци преку обезбедување знаење, експертска поддршка, пресметковна инфраструктура и насоки за одговорна примена на ВИ. Беа претставени услугите наменети за земјоделските компании, задругите и стартапите во областа на агротехнологијата, кои опфаќаат проценка на подготвеноста за примена на ВИ, менторство, обуки и развој на пилот-решенија врз основа на податоците на компаниите. Овие услуги се бесплатни за иновациските активности на малите и средните претпријатија и стартапите. Беа најавени и планираните обуки за земјоделците и стручните лица од секторот. Земјоделството е еден од петте приоритетни сектори на ВЕЗИЛКА, а предавањето заврши со претставување на петте чекори за започнување соработка, од пријавување интерес за соработка до работа со доделен експерт од проектот.

Учеството на AGRO EXPO 2026 беше можност ВЕЗИЛКА директно да се поврзе со земјоделците, компаниите и образовните институции од земјоделскиот сектор, како и да ја зајакне соработката со партнерите на проектот CAAIVE, кои работат на унапредување на стручните знаења и вештини за примена на ВИ во земјоделството во Северна Македонија и Европа. Земјоделските компании, задругите и агротехнолошките стартапи можат да го искажат својот интерес за соработка преку vezilka.ai/contact и да го направат првиот чекор кон земјоделство во Северна Македонија кое не само што ја користи вештачката интелигенција, туку и активно учествува во нејзиниот развој.