ВЕЗИЛКА е националната фабрика за вештачка интелигенција во Северна Македонија — капитален проект за дигиталната трансформација на земјата кој ги поврзува домашните универзитети, стартапи, компании и институции со суперкомпјутерите и дигиталните ресурси на Европската Унија.
Национален центар за вештачка интелигенција
Основана во рамките на иницијативата EuroHPC AI Factory Antennas на Европската Унија, ВЕЗИЛКА го зазема централното место за вештачка интелигенција и иновации во Северна Македонија. Нејзината мисија е да го забрза прифаќањето на доверлива, етичка и одговорна вештачка интелигенција преку конкретни, применливи решенија.
Домаќин на проектот е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), а го спроведува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), со Министерството за дигитална трансформација како главен институционален партнер. Финансиран е од Европската Унија со национално кофинансирање од Владата на Република Северна Македонија, Министерството за дигитална трансформација, УКИМ и ФИНКИ.
Значењето на името
Везилка значи „жена што везе“. Везењето е уметност на поврзување: секоја нишка, станува дел од поголема, хармонична слика, што е и суштината на проектот. ВЕЗИЛКА симболизира:
- поврзување на луѓето и знаењето како нишки кои создаваат заедничка слика;
- создавање нешто значајно од поединечни делови — исто како што еден модел на вештачка интелигенција се гради од огромен број на податоци; и
- пренесување на традицијата во иднината — спој на културното наследство и технолошката иновација.
Накратко, ВЕЗИЛКА е мост помеѓу минатото и иднината, традицијата и технологијата, културата и интелигенцијата — симбол на новата дигитална ренесанса во Македонија.
Зошто е важно
Северна Македонија е во рана фаза на прифаќањето на вештачката интелигенција која е недоволна застапена во индустријата, јавниот сектор и општеството. Со основањето на ВЕЗИЛКА, државата добива стратешка позиција во европската иновациска мрежа и директен канал кој ги поврзува локалните компании, стартапи и универзитети со суперкомпјутерите во Европа, истражувачки инфраструктури и дигитални ресурси.
Преку стратешкото партнерство со Фабриката за вештачка интелигенција „Фарос“ во Грција, ВЕЗИЛКА обезбедува пристап до суперкомпјутерите во Европа, особено до суперкомпјутерот Дедал (Daedalus), отстранувајќи ги високите трошоци за инфраструктура за вештачка интелигенција кои претставуваат значителна пречка за малите и средните претпријатија, и надополнувајќи го тоа со техничка поддршка, обуки и оптимизирани алатки.
Општествен проект, не само технолошки
ВЕЗИЛКА е длабоко посветена на вештачка интелигенција која е инклузивна, одговорна и одржлива. Применуваме пристап на „доверлива ВИ уште при дизајнирањето“ изграден врз принципите на строго управување со податоците, правичност и намалување на пристрасноста, транспарентна и објаснива вештачка интелигенција, како и донесување одлуки со вклученост на човекот во процесот. Исто така, одговараме на општествениот предизвик поврзан со промените на работната сила преку унапредување на вештините и преквалификација, како и преку програма за писменост за вештачка интелигенција, со цел секој да може да земе учество во дигиталната иднина.
Краток преглед
| Целосен назив | VEZILKA — The North Macedonia AI Antenna Factory |
|---|---|
| Број на проект | 101263128 |
| Повик / Тема | HORIZON-JU-EUROHPC-2025-AIFA-01 |
| Вид на акција | HORIZON-JU-RIA (Акција за истражување и иновации) |
| Програма | Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU) |
| Координатор / Домаќин | Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) — спроведено од ФИНКИ |
| Датум на започнување | 1 април 2026 |
| Времетраење | 36 месеци |
| Буџет | ≈ 6,2 милиони евра вкупно, вклучувајќи ≈ 3,1 милиони евра грант од ЕУ, и кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ-УКИМ |