← Новости · · 2 мин. читање

ВЕЗИЛКА на конференцијата МАСИТ 2026

Проектот ВЕЗИЛКА учествуваше на 21. Годишна конференција на МАСИТ, која се одржа на 18 ноември 2026 година во ресторан „Парк“ во Скопје. На конференцијата, организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, под мотото „Agentic AI – Turning AI into Real Business Value“, учествуваа претставници од ИКТ-секторот, меѓународни технолошки компании, бизнис-заедницата и јавните институции. Во фокусот беа практичната примена на вештачката интелигенција и нејзината улога во развојот на бизнисите и дигиталната трансформација.

ВЕЗИЛКА имаше свој штанд, каде што тимот ги претстави активностите на проектот и разговараше со претставници од бизнис и технолошката заедница. Посетителите имаа можност да дознаат повеќе за услугите што ги нуди ВЕЗИЛКА, меѓу кои се обуки, менторство, стручна поддршка, проценка на подготвеноста за примена на ВИ и развој на практични решенија со вештачка интелигенција. Беа претставени и можностите за пристап до напредни европски пресметковни ресурси преку EuroHPC, со поддршка од проектот.

Значаен дел од конференцијата беше и панел-дискусијата „Националната фабрика за ВИ и нејзиното значење за бизнисите“, на која учествуваа проф. д-р Петре Ламески, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација. Дискусијата, модерирана од Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на МАСИТ, беше посветена на можностите што националната инфраструктура за ВИ ги отвора за домашните компании, особено во поглед на иновациите, дигиталната трансформација и примената на напредни технологии.

Учеството на конференцијата МАСИТ 2026 беше можност за ВЕЗИЛКА да ги зајакне контактите со домашната ИКТ и бизнис-заедница и да ги доближи своите услуги и ресурси до компаниите и организациите. Преку поддршката што ја нуди проектот, компаниите, стартапите и истражувачите во Македонија можат полесно да пристапат до знаење, експертиза и инфраструктура за развој и примена на решенија базирани на вештачка интелигенција.