ВЕЗИЛКА и шведската Фабрика за ВИ воспоставија официјална соработка
ВЕЗИЛКА, македонската Фабрика за вештачка интелигенција, воспостави официјално партнерство со шведската Фабрика за ВИ, со цел зајакнување на соработката во рамки на европската мрежа на фабрики за ВИ. Партнерството се надоврзува на претходните разговори меѓу двете иницијативи и претставува уште еден чекор кон поблиска соработка, размена на знаења и развој на капацитетите за вештачка интелигенција во Европа.
Соработката ќе биде насочена кон размена на знаења, искуства и добри практики, како и кон организирање заеднички обуки и споделување искуства во развојот и обезбедувањето услуги од областа на ВИ. Преку ова партнерство, ВЕЗИЛКА и шведската Фабрика за ВИ ќе работат на поддршка на истражувачите, стартапите, малите и средните претпријатија и јавните институции, преку олеснување на пристапот до стручна поддршка, услуги и напредни пресметковни ресурси во рамки на европската мрежа на фабрики за ВИ.
Посебно внимание ќе биде посветено на доверливата и одговорна вештачка интелигенција, како и на јазичните модели за помалите јазици. Двете иницијативи ќе разменуваат искуства и ќе ги разгледуваат можностите за заеднички активности во овие области, со цел развој на одговорни и достапни ВИ-решенија приспособени на потребите на различните европски заедници.
Со ова партнерство, ВЕЗИЛКА дополнително ја зајакнува својата поврзаност со европската мрежа на фабрики за ВИ и отвора нови можности за соработка со европските партнери. Преку соработката со шведската Фабрика за ВИ, ВЕЗИЛКА ќе придонесе европските знаења, експертиза и ресурси во областа на ВИ да станат подостапни за организациите во Северна Македонија, а истовремено ќе учествува во градењето на посилно поврзан европски екосистем за вештачка интелигенција.