Проектот ВЕЗИЛКА претставен на настанот „Brains Beyond Borders“
Проектот ВЕЗИЛКА беше претставен на настанот „Brains Beyond Borders“, кој се одржа на 17 јуни 2026 год.во Среќа Бар во Скопје. Организиран од Gen M, младинската иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (UMD), овој форум ги обедини студентите, истражувачите и членовите на дијаспората околу едно клучно прашање: како Северна Македонија може да се натпреварува во економијата со ВИ, да гради технолошки компании во земјата и да го задржи својот кадар?
Проектот беше претставен од проф. д-р Димитар Трајанов, раководител на проектот ВЕЗИЛКА, кој го одржа воведното предавање на настанот со наслов „Зошто следната деценија е одлучувачка за дигиталната иднина на Македонија“. Една од централните теми беше улогата на ВЕЗИЛКА како почетна точка на вештачката интелигенција во Македонија. Професорот Трајанов ги претстави можностите што ВЕЗИЛКА ги нуди бесплатно: HPC пресметковни ресурси, менторство, внимателно одбрани податочни множества, правна поддршка за усогласување со EU AI Act и GDPR, како и структуриран пат од идеја до производ во петте приоритетни сектори.
Професорот Трајанов учествуваше и на воведниот панел со наслов, „Може ли Македонија да биде конкурентна во економијата со ВИ?“. Во дискусијата беше нагласено дека најголемото богатство на Македонија — нејзиниот кадар — воедно е и нејзината најголема ранливост, при што „одливот на мозоци“ е најизразен токму во секторите на информатичката технологија, здравството и инженерството, области во кои вештачката интелигенција создава најголеми можности. Заедничкиот заклучок беше дека вештачката интелигенција може да биде причината поради која младите конечно ќе останат во земјата, или факторот што дополнително ќе го забрза нивното заминување, а таа одлука се носи токму сега.