Повеќе од 650 учесници на првиот курс за ВИ на ВЕЗИЛКА
На 29 септември 2026 год., ВЕЗИЛКА ја одржа првата сесија од својот прв курс “AI Literacy for Everyone”, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), УКИМ, во Скопје. На сесијата „Вовед во ВИ“, учествуваа повеќе од 650 учесници, од кои 580 се приклучија онлајн, а 75 присуствуваа во живо, што покажа голем интерес за подобро запознавање со вештачката интелигенција и нејзината сè поголема улога во секојдневниот и професионалниот живот.
Сесијата предводена од проф. д-р Андреа Кулаков и ас. м-р Елена Атанасоска, ги запозна учесниците со основите на вештачката интелигенција, вклучувајќи како ВИ-системите учат од податоци, каде можат да се применуваат, кои се нивните ограничувања и зошто човечката проверка останува важна. Преку примери, дискусии и практични вежби, учесниците имаа можност да изградат заедничка основа за разбирање на ВИ и технологиите што сè повеќе стануваат дел од нивната работа и секојдневие.
Оваа воведна сесија е само почеток на програмата за обуки на ВЕЗИЛКА. Додека првиот курс ги гради основните знаења и писменост за ВИ, следните обуки ќе се движат од разбирање на ВИ кон нејзина практична примена, со алатки како ChatGPT, Microsoft Copilot, Claude Code и ВИ-агенти. ВЕЗИЛКА подготвува и поспецијализирани, практични курсеви за јавната администрација, малите и средни претпријатија и други професионални средини, со фокус на реални работни процеси, автоматизација и практично решавање проблеми.
ВЕЗИЛКА им се заблагодарува на сите што учествуваа, и онлајн и во живо, што беа дел од првата сесија. Со многу нови курсеви, практични теми и можности за учење што следуваат, оваа прва обука го означува почетокот на поширока иницијатива за знаењата и вештините поврзани со ВИ да станат подостапни и покорисни за целото општество. Ги охрабруваме учесниците и сите заинтересирани за идните обуки да ги следат следните датуми и детали за претстојните сесии и курсеви, кои ќе бидат објавувани преку официјалните платформи на ВЕЗИЛКА.