← Новости · · 2 мин. читање

ВЕЗИЛКА на 9. Регионална конференција за е-трговија 2026

Проектот ВЕЗИЛКА учествуваше на 9. Регионална конференција за е-трговија, која се одржа на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје. На настанот, организиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) под мотото „From Wait to Go: E-comm at AI Speed!“, присуствуваа над 900 учесници, меѓу кои повеќе од 30 говорници и претставници од над 12 земји. Програмата се одвиваше на две сцени, а конференцијата беше можност за поврзување на онлајн трговци, банки, даватели на платежни услуги, дигитални платформи и јавни институции од целиот Западен Балкан.

ВЕЗИЛКА ја претставуваше проф. д-р Димитар Трајанов, координатор на проектот ВЕЗИЛКА на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој одржа предавање на тема „Вештачката интелигенција и иднината на бизнисот: можности, ризици и човечки потенцијал“. Во своето излагање, проф. Трајанов се осврна на конкретните придобивки од примената на вештачката интелигенција, особено во корисничката поддршка, пишувањето и анализата на податоци. Тој истакна дека најголеми придобивки од ВИ имаат компаниите што ги приспособуваат своите работни процеси за нејзина примена. Посебно внимание беше посветено на е-трговијата, каде што ВИ-асистентите придонесуваат за почести купувања и поголема вредност на нарачките, а купувачите покажуваат поголема доверба во асистентите на самите онлајн продавници отколку во надворешните ВИ-агенти.

Во продолжение, проф. Трајанов ја претстави ВЕЗИЛКА, како можност домашните онлајн продавници, компании за е-трговија и стартапи да развиваат сопствени ВИ-решенија. Тој ги претстави услугите на ВЕЗИЛКА, меѓу кои обуки, менторство, проценка на подготвеноста за примена на ВИ и развој на пилот-решенија. Овие услуги се бесплатни за малите и средните претпријатија и стартапите, а ВЕЗИЛКА нуди и поддршка за пристап до европските пресметковни ресурси преку EuroHPC. Беа предложени и шест практични примени на ВИ во е-трговијата, меѓу кои асистент за купување на македонски јазик, подготовка на податоци за производите за пребарување со помош на ВИ и автоматизирана корисничка поддршка со можност за директна комуникација со оператор. Проф. Трајанов го претстави и отворениот македонски јазичен модел што го развива ВЕЗИЛКА. Предавањето ги опфати и обврските што произлегуваат од Актот за вештачка интелигенција на ЕУ (EU AI Act) и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR), како и петте чекори за започнување соработка со ВЕЗИЛКА, од првиот контакт до работа со доделен експерт од проектот.

Учеството на конференцијата беше можност ВЕЗИЛКА да се поврзе директно со заедницата за е-трговија во земјата, во период кога компаниите сè повеќе преминуваат од експериментирање со ВИ кон нејзина практична примена. Онлајн продавниците, компаниите за е-трговија и стартапите се поканети да се пријават за соработка преку vezilka.ai/contact и да придонесат кон создавање Северна Македонија која не само што користи, туку и развива вештачка интелигенција.