← Новости · · 2 мин. читање

ВЕЗИЛКА организира бесплатен курс за ВИ во јавната администрација

ВЕЗИЛКА организира нов бесплатен курс „Вештачка интелигенција во јавната администрација“, наменет за вработените во институциите од јавниот сектор. Курсот опфаќа четири сесии, кои ќе се одржат на 19 и 26 ноември и 3 и 9 декември 2026 година, во малиот амфитеатар на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и онлајн

Целта на курсот е да ги запознае вработените во јавната администрација со можностите за практична и одговорна примена на вештачката интелигенција во секојдневната работа. Посебно внимание ќе биде посветено на користењето на Microsoft Copilot за работа со документи, комуникација, обработка на податоци и автоматизација на работните задачи, како и на дигитализацијата на документи и извлекувањето структурирани податоци.

Првата сесија, која ќе се одржи на 19 ноември, од 09:00 до 12:00 часот, ќе биде посветена на екосистемот на Microsoft, Copilot Chat и ВИ-агентите. На втората сесија, на 26 ноември, од 10:00 до 13:00 часот, ќе се обработува примената на Copilot во Word, Teams и Outlook. Третата сесија, закажана за 3 декември, од 10:00 до 13:00 часот, ќе ги опфати можностите на Copilot во Excel и PowerPoint, како и автоматизацијата и користењето ВИ-агенти. Курсот ќе заврши со четвртата сесија, на 9 декември, од 10:00 до 13:00 часот, посветена на дигитализацијата на документи и извлекувањето структурирани податоци.

Предавачи на курсот се проф. д-р Андреа Кулаков, проф. д-р Методија Јанчески, ас. м-р Ана Тодоровска, м-р Марија Стојчева и м-р Елена Атанасоска од ФИНКИ. Преку практични примери, тие ќе ги претстават можностите на современите алатки за вештачка интелигенција и нивната примена во секојдневните работни задачи.

Учеството е бесплатно, а пријавувањето се врши преку платформата за обуки на ВЕЗИЛКА. Сите заинтересирани можат да се пријават на train.vezilka.ai.