ВЕЗИЛКА на годишна конференција на Школата за докторски студии при УКИМ 2026
Проектот ВЕЗИЛКА учествуваше на свеченото отворање на заедничката годишна конференција на докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) која се одржа на 26 мај 2026 год.во кружната сала на Ректоратот на УКИМ. Конференцијата ја отвори проректорката на Универзитетот, проф. д-р Соња Топузовска, а на неа учествуваа докторанди од сите факултети на Универзитетот.
Главното предавање го одржа проф. д-р Димитар Трајановод Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), на тема „Еволуцијата на вештачката интелигенција: од модели до автономни агенти“. Во ова интердисциплинарно предавање беше прикажан развојот на вештачката интелигенција од статистички модели до современи автономни агенти, со објаснување на начинот на нивното функционирање, областите во кои веќе постигнуваат значителни резултати и ограничувањата поврзани со нивната доверливост. Беа разгледани и ризиците и механизмите за управување што произлегуваат од системите кои дејствуваат автономно, како и значењето на агентската вештачка интелигенција за докторските истражувања во сите научни области — од природните науки до хуманистичките дисциплини. Професорот Трајанов ја претстави и Хипотезата за когнитивна дебелина (Cognitive Obesity Hypothesis) (Трајанов и Коцарев), како научна рефлексија за тоа што се случува со нашето сопствено размислување кога дел од когнитивните процеси ги пренесуваме на системи за вештачка интелигенција, и зошто докторандите треба да ги користат овие алатки со активен критички пристап.
Предавањето беше директно поврзано со ВЕЗИЛКА, Фабриката за ВИ на Северна Македонија, која на домашните истражувачи и универзитети им овозможува директен пристап до најнапредните пресметковни ресурси во Европа. Професорот Трајанов ги повика докторандите од сите области не само да користат вештачка интелигенција, туку и активно да создаваат решенија со помош на ВИ во земјата, преку развој на истражувачки проекти во една од петте стратешки области на ВЕЗИЛКА: здравство, енергетика, јазик и култура, земјоделство и јавна администрација. Во Proof of Concept фазата, ВЕЗИЛКА на истражувачите им обезбедува пресметковни ресурси, менторство, пристап до податоци кога тоа е законски дозволено, како и правна поддршка за усогласување со EU AI Act и GDPR. Особено се охрабрува учество на интердисциплинарни тимови и експерти од различни области, а не само на IT професионалци.
Вклучувањето на новата генерација истражувачи на ваков начин претставува суштински дел од визијата на ВЕЗИЛКА: Северна Македонија да не биде само корисник на вештачката интелигенција, туку и нејзин создавач — држава што ќе ги задржи младите таленти и ќе им овозможи да ја градат својата иднина токму тука.